Нема никој овде. Жената ги спакувала куферите и си заминала, но не знаеме каде отишла. Куќата е заклучена, во дворот нема никој, надвор се уште стои полицаецот, изјави жител на селото Злот кај српскиот град Бор за сега озлогласеното семејство Драгијевиќ.

Тој за српски Курир изјави дека полицијата во истрагата ја вклучила и мајката на Дејан Драгијевиќ (50), кој заедно со Срѓан Јанковиќ (50) бил осомничен дека минатиот петок ја прегазиле и убиле малата Данка Илиќ (2). Покрај приведените во петокот, минатата сабота полицијата ги уапси и братот на Дејан Далибор и нивниот татко Рада под сомнение дека им помогнале да го сокријат телото на малото девојче.

Како што пишуваат српските медиуми, таткото се бранел молчејќи, за разлика од братот Далибот, кој наводно признал се. По распит, ноќта во неделата, наводно, имал инфаркт и починал во полициска станица. Вишото јавно обвинителство во Заечар нареди обдукција на покојниот Далибор, а неговото тело е пренесено во Институтот за судска медицина во Белград. Ќе ги истражат и сите околности под кои починал.

Имале бункер?

Уште еден жител на Злот, кој исто така се вика Раде, за Телеграф раскажува колку тајни имало семејството. Тој раскажа како уапсениот Дејан има таен подземен бункер.

– На местото каде што полицијата претресуваше, има бункер под земја, до самата куќа. Мислев дека полицијата треба да го посети тој имот бидејќи беше напуштен – вели Раде.

Потресен од убиството на малата Данка, тој не ја криел огорченоста кон соседите.

-Тажно е за ова дете. Треба да ја најдат, за да знаат нејзините родители каде и е гробот. Никој не може да му прости на тоа семејство. Тоа ни џукела не може да го направи – вели Раде.

За потсетување, девојчето исчезна на 26 март после 13 часот додека била со мајка си и братот на семејниот имот во Бањско Поље кај Бор. Мајката отишла да му даде вода на својот брат, а малото девојче залутало во непознато. Очајната жена веднаш го повикала сопругот и полиција и започнала невидена потрага по детето. Една од теориите беше дека дури и Данка била киднапирана. Доказ за тоа беше видеото од Виена на кое се гледа слично девојче, но полицијата потврди дека не е Данка. По повеќе од една недела српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека девојчето е убиено и дека две лица се уапсени.

Осомничените прво изјавиле дека девојчето го удриле со автомобил и нејзиното тело го закопале во дива депонија на 10 километри оддалеченост од нејзиниот семеен имот. Полицијата и работниците таму со денови копале со помош на багер, ја пребарувале околната шума, но не го нашле телото. Потоа изјавиле дека подоцна го преместиле телото и меѓусебно се обвинувале кој се наоѓал зад воланот на службениот автомобил на Водовод во кој работеле и двајцата.

Смртта на Далибор Драгијевиќ ја забави таа истрага, бидејќи истражителите се сомневаат дека тој е еден од четворицата кои знаеле каде е телото. Затоа полицијата, пожарникарите и планинската спасувачка служба во неделата пребаруваа локална јама длабока 70 метри. Се вика пештерата Лазарева, а граѓаните вчера спонтано оставија таму свеќи и цвеќиња за упокојување на душата на убиеното девојче.

Претходните денови беа детално прегледани дворовите на соседите и околните бунари, беа претресени и депонии, шуми, Кањонот Лазар и коритото на Злотска река.