Тригодишниот Александар смртно настрада во вторникот во Олт, Романија, кога врз него паднала капијата што татко му Никола претходно ја проверувал дали е безбедна. Металната конструкција тешка десетици килограми го убила момчето на лице место.

Како што пишуваат романските медиуми, момчето играло на портата додека Никола проверувал дали мајсторите ја поставиле правилно претходниот ден. Семејството верува дека капијата не била правилно поставена.

– Имаше гумени бонбони во рацете, утрово ги најдов таму во дворот. Веројатно таму го удрила портата… Не знам каде стоеше бидејќи јас не бев таму, но таму најдов бонбони – вели неутешниот дедо на малото дете.

Таткото Никола вели дека се се случило во секунда. Кобниот ден проверувал како работи лизгачката капија што мајсторите ја поставиле претходниот ден. Наеднаш конструкцијата почнала да паѓа.

– Не видов дека е таму, да знаев ќе застанев пред портата, попрво јас би умрел – рече Никола.

Бабата на момчето вели дека детето си играло во песокот во близина на капијата кога се случила трагедијата.

Никола со помош на соседите успеал да ја подигне челичната конструкција, но малиот Александар не давал знаци на живот. Веднаш повикале брза помош, која повеќе од еден час се обидувала да го реанимира момчето. За жал, не успеале.

– Нашите патроли излегоа на местото на настанот, дојдоа неколку екипи на Брза помош, дури и хеликоптер, но момчето не можеше да се спаси – соопштија од полицијата.

Целото семејство планира да ја тужи компанијата чии работници ја поставиле капијата.

– Секој ден го чекаше татко му покрај капијата да се врати од работа. Ова е трагедија – вели чичкото Адријан за романските медиуми.