Фактот дека сите тројца македонски кандидати Мики Секуловски, Мелиса Зијадиќ и Андријана Петрушовска влегоа во последните 6 во синоќешното финале на „Ѕвездите на Гранд“, покажува дека синоќа од Македонија се гласаше повеќе од кога и да е, но на крај победата сепак ја однесе претставничката од Босна и Херцеговина, Шејла Зониќ.
Токму податокот дека двајца македонски претставници Секуловски и Петрушовски останаа до самиот крај и се најдоа во топ 3 покажува дека поделбата на гласовите од Македонија се чини беше пресудна победата да ја однесе босанската пејачка.
Мики и Андријана заедно освоија околу 174.000 гласови, не е соопштено колку гласови освои Мелиса, но самите бројки покажуваат дека од сите земји од регионот од Македонија се испратени најмногу СМС пораки. „Гранд“ соопшти дека ќе бидат објавени точните бројки на тоа колку пораки од која земја се испратени сноќа.
Со освоени 132.047 гласови Шејла Зониќ од БиХ и победничка во музичкото шоу „Ѕвездите на Гранд“ за сезоната 2023/2024. На второто место заврши нашиот Мики Секуловски од Велес со освоени 102.103 гласа, додека трета беше исто така нашата Македонка Андријана Петрушовска со освоени 71.875 гласови.
Мики имаше повеќе гласови од победниците Ристе и Славица
Славица Ангелова минатата година победи со 88.367 гласови, додека Ристе Ристевски во 2017 година победи со 76.226 гласови. Ангелова и Ристевски остануваат единствените двајца Македонци кои успеале да победат во ова музичко шоу.
Мики синоќа имаше 102.103 гласа, но тоа за жал не беше доволно за победа.
Бројките покажуваат дека доколку македонските гласови не се поделеа, наш претставник со сигурност ќе победеше во големото финале, бидејќи интересот за гласање во сите други земји беше далеку помал во споредба со Македонија.