Директорот на Конзерваторски центар Скопје, Димитровски со министерката Костадиновска-Стојчевска на прослава на јубилеј на Конзерваторски годинава. (Фото: Министерство за култура)
Запрепастена сум од тоа до каде е спремен човек да оди, и доколку се утврди дека актуелниот в. д. директор на Конзерваторски центар Скопје е виновен, се разбира дека ќе има одговорност, кажа вечерва министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во интервју за Топ тема на ТВ Телма.
Како што објави МВР по денешната акција на полицијата, Константин Димитровски е меѓу 11-те осомничени за дивјачко уништување на културно наследство во скопската Стара чаршија. Поранешниот претседател на одборот на директори на АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор Скопје (ПУИГ) Мујо Љ. е осомничен, заедно со уште 10 соучесници во злосторничко здружение. Обвинителството за нив ќе бара мерки притвор. Меѓу осомничените се и актуелниот и поранешниот директор на Конзерваторски центар Скопје, како и поранешниот директор на Управа за заштита на културно наследство и ексзаменик-генералниот диретор на Агенцијата за катастар на недвижности.
„Не би сакала да навлегувам во детали, бидејќи ова е една од поновите вести денеска, за која морам да признаам дека бев непријатно изненадена. Ние веднаш реагиравме до МВР да почне со расчистување. Ќе почекаме да видиме што ќе покаже истрагата. Доколку се утврди вина, се разбира дека ќе има одговорност. Се надевам дека ова ќе се расветли и сите што се одговорни, без разлика која функција ја носат, ќе одговараат пред законот, бидејќи културното наследство е уставно пропишана категорија, што значи дека е над сите други закони кои владеат и дека ќе бидат најстрого санкционирани, бидејќи ова не смееме да си го дозволиме“, одговори министерката на новинарското прашање за одговорност на директорот.
Лицата се осомничени за незаконско уривањен а автентичниот објект хотел ,,Шар Ан“, кој како дел од скопската Стара чаршија со закон е прогласен за културно наследство. „Шар“ е првата јавна куќа во Скопје. Обвинителството за организиран криминал и корупција, по поднесена кривична пријава и апсење на поголема група лица, издаде наредба за истрага против 9 осомничени, а двајца се засега недостапни.
Лицата кои се под истрага се на возраст од 31 до 64 години. Тие се осомничени за кривични дела „злосторничко здружување”, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“.
Директорот на Конзерваторски центар Димитровски минатиот месец издаде и позитивно мислење на Центарот за градење на контроверзната 17-катница во болничкиот комплекс на поранешна Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Димитровски е член на Комисијата за урбанизам на Општина Карпош која го одобрува урбанистичкиот проект за изградба на зградата. Тој зема паричен надоместок од Општина Карпош како член на Комисијата и тој веќе дал одобрение за урбанистичкиот проект за 17-катницата среде болнички комплекс, со 420 станови, во кои ќе живеат 2.000 жители и ќе има фрекфенција од најмалку нови 1.000 возила.