Интензивна миризба на гас веќе три дена се шири во домот на семејство од скопската населба Бутел, а изворот на миризбата е непознат, затоа што куќата воопшто нема довод на гас, објави Сител.

Освен што е неподносливо да се живее во такви услови, Елена Михајловска вели дека стравува и за здравјето и безбедноста за себе и за нејзината ќерка.

Миризбата се чувствува во неколку соседни куќи и се шири преку кујните и тоалетите, а за да го спречат нејзиното ширење, граѓаните цевките ги покриваат со мокри крпи, а чешмите постојано течат. Тие побарале помош од надлежните.

Иако екипи од сите служби извршиле проверки, останува нејасно зошто и од каде доаѓа мирисот на плин, но и дали и колку е опасно за здравјето на граѓаните.

Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека во два наврати извршиле контрола кај соседната бензинска пумпа и резервоарите за плин, но утврдиле дека нема никакво истекување ниту таму, ниту од шахтите во околината.