– Синоќа националистичкиот режим во Киев се обиде да изврши монструозна провокација, изјави портпаролот на руското министерство за одбрана Игор Конашенков, објаснувајќи дека руската патрола во близина на нуклеарната централа била нападната од украинска диверзантска група.
Руското Министерство за одбрана рано утрово ги обвини украинските саботери за нападот на нуклеарната централа Запорожје, нарекувајќи го чинот „монструозна провокација“.
Локалните украински власти утринава објавија дека руските воени сили ја окупирале нуклеарната централа во Запорожје во југоисточна Украина.
Украина соопшти дека руските сили го извршиле нападот во раните утрински часови во петокот, запалувајќи ја блиската петкатна зграда за обука која беше затворена утрово.
– Нема загинати или повредени, соопшти украинското Министерство за внатрешни работи на Твитер, истакнувајќи дека зградата што изгорела е комплекс за обука.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руските тенкови ги гаѓале блоковите на реакторот, обвинувајќи ја Москва дека спроведува „нуклеарен терор“ и дека сака да ја „повтори“ катастрофата во Чернобил.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана изјави дека нуклеарната централа работи нормално и дека е под руска контрола од 28 февруари.
– Меѓутоа, синоќа националистичкиот режим во Киев се обиде да изврши монструозна провокација, изјави Игор Конашенков, објаснувајќи дека руската патрола во близина на нуклеарната централа била нападната од украинска диверзантска група.
Украинскиот нуклеарен регулатор не откри „никаква промена“ во нивото на радиоактивност во електраната Запорожје, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).