593 денови трае мојата лична драма, ни крив ни должен, како што покажа текот на судењето. 593 денови агонија во која мојот живот е превртен на глава, вака поранешниот генсек на Владата, Мухамед Зеќири ги почна своите завршни зборови во кривичната постапка против него. Според него, не може да биде обвинет за такво кривично дело, бидејќи вели извршувал туѓи замисли, а не своја замисла.
-На почетокот на годината ненадејно почина мојот помал брат, оставајќи зад себе 3 малолетни деца, а потоа на мојата сопруга, како што е документирано во судот ѝ беше дијагностицирана тешка болест. Нејзиното лекување трае веќе 9 месеци, се уште не е завршено и не знаеме колку ќе трае и како ќе заврши. 593 дена откако бев стигматизиран во јавноста, не сум имал можност да заработам приходи за да се грижам и да им помагам на 4 деца, 3 мои и едно од претходниот брак на сопругата. Во овој период сите материјални обврски паѓаат на товар на родителите на сопругата, кои од странство дојдоа во Скопје за да се грижат за нас и обвинителството парадоксално ги користеше како главен аргумент за продолжување на мојот притвор, посочувајќи дека можат да бидат јатаци, рече меѓу другото Зеќири со солзи во очите.
Тој побара ослободителна пресуда. Според договореното, на денешното рочиште, пресудата за предметот ќе биде објавена следниот петок (1 декември).
Обвинителството го товари Зеќири дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година, како генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.
Процесот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Катерина Коларевиќ.