Откако ги прочитала информациите за пристигнување на 38 припадници од кои повеќе од половина деца во хотел во Охрид, 38-годишна охриѓанка напишала во фејсбук коментар „да се запали хотелот со Евреите во него“.
Полицијата успеа да ја открие и таа е повикана во полициската станица во Охрид, а МВР подготвува кривична пријава за дело ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.
За ова дело е предвидена казна од 1 до 5 години затвор. При распитот, според сознанија на Телма, осомничената рекла дека била вознемирена и во моменти на неизвесност, страв и неинформираност ја пишала пораката. Тоа се случило вчера, а 38-годишната охриѓанка денеска ја избришала пораката.
Еврејската заедница бара надлежните да го гонат невидениот говор на омраза и антисемитизам со пораки „да се запали хотелот со се евреите по него“ поради групата Лев Тахор.
Денеска (22.02.2022) полициски службеници од СВР Охрид извршија службен разговор во СВР Охрид со В.С. (38) од охридско, која во текот на вчерашниот ден на социјалната мрежа Фејсбук поставила содржина со која извршила кривично дело „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ казниво по член 394-г од КЗ. При разговорот В.С. изјавила дека таа во текот на вчерашниот ден ја поставила содржината, а денеска самата ја избришала. По целосно документирање на случајот до ОЈО Охрид ќе биде поднесена кривична пријава по член 394-г од КЗ.
Членот 394-г во ставот 1 предвидува:
Тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, како и верско уверување, ќе се казни со затвор од една до пет години.