Трагедијата на Партизанска однесе живот, ама и уништи две семејства. Едното кое одгледало и воспитало дете, полно со живот, креативност и енергија. Другото одгледало дете кое со секој свој чин врескало за љубов и внимание, не пари и секакви материјални добра кои очигледно ги добило.
Вресокот на детето кое предизвика страшна трагедија е глас кој не успеале да го препознаат и да му помогнат неговите родители. За жал, сега е веќе доцна. Тие родители на душа ќе носат две деца, едното чиј живот заврши трагично и другото, тоа нивното, кое самите емотивно го осакатиле засекогаш.
Два дена душава ми е вознемирена. Како станавме вакви луѓе? Како го прифативме системот во кој среќен си ако имаш пари и моќ? Како не разбравме дека на децата им требаме со личен пример за добро и лошо … Не може да се купи мир на душата со пари и нерешен проблем … Не може да не се признае дека постои грешка, затоа што кога не ја решаваш, таа си стои и чека да те потсети на нејзината сила, тогаш кога нема да се надеваш. Родителите не може да замижуваат пред постапките на своите деца. Кога ги заштитуваме при нивните грешки, им пренесуваме порака дека тоа е тоа, можеш да продолжиш вака, ние вечно ќе ти штитиме. За жал, погрешно.
Скоро сите деца понекогаш може да бидат проблематични. Проблематично или нарушено однесување е однесување кое трае или станува толку сериозно што може да предизвика големи проблеми за семејствата или заедниците. Претерано нарушеното или агресивното однесување на која било возраст треба сериозно да се сфати. Тоа не треба да се отфрли како ’фаза‘ или како нешто од кое децата ’ќе се одвикнат‘. Ваквото однесување кај децата и младите може да започне со често лутење, избувливост, импулсивно однесување.
За жал сите ние станавме сведоци на една таква епизода која предизвика страшна трагедија. За чинителот, за жртвата, но и за сите нас како заедница.
Она што е уште пострашно е дека оваа стравотна епизода не донесе будење. Еве синоќа бев сведок на возач кој леташе на црвено. И покрај сè. Среќа немаше пешаци.
Сите укажуваме дека системот не чини, но често и забораваме дека системот сме ние, луѓето. Кога не прифаќаме и преземаме лична одговорност, не можеме да очекуваме системот да се подобри сам од себе. Затоа да се разбудиме.
Системот ќе се поправи тогаш кога ќе станеме родители кои ги прифаќаат грешките и проблемите на своите деца и се соочуваат со нив на начин кој ќе придонесе децата да ја добијат поуката, вистинската грижа и љубов која им треба. Па и да побараат помош, ако треба.
Системот ќе се поправи тогаш кога нема да летаме на црвено, затоа што во системот црвеното значи застани, а не вози.
На крај, ќе завршам со лично искуство на пешачки од синоќа. Со колата застанав на девојка да помине на пешачки. Се погледнавме, ми се насмеа и ме поздрави. Во тој миг си ги препознавме мислите и двете. Толку треба, за да бидеме луѓе. Не е страшно кога ќе застанеме. Нема потреба да брзаме, затоа што животот нема реприза
(ФБ СТАТУС НА ВИКИ РИСТОСКА)