Црногорецот М.М. од Цетиње, чија сопруга Наташа и двата сина беа убиени во крвавиот масакр во овој црногорски град на денешен ден пред една година, на првата годишнина од злосторството, на Фејсбук објави вознемирувачка порака и видео со кое навестува можност за крвна одмазда.

– Ѓ.Б., како што закова, вака јас твоите ќе ги заковам – пишува во објавата за која се верува дека му е испратена на вујкото на масовниот убиец од Цетиње, Вук Бориловиќ. Малку подоцна М.М. објави видео на кое се гледа црн барјак на куќата.

– Вака ќе ве оцрнам, вака ќе се вее црн барјак, вака, ти се колнам – се слуша неговиот глас на снимката. Неговите објави беа проследени со бројни коментари во кои луѓето го повикуваа да остане присебен и да не прави ништо лошо.

– Биди силен! Тешко е, да, но биди силен, сето тоа треба да го издржиш, не прави ништо, биди трезен. Немој… Ништо не добиваш со тоа… Те молам како Бога, зачувај ја душата… Не дозволувај злото да те совлада! – пишува во еден од коментарите.

Инаку, несреќниот М.М често на социјалните мрежи споделува слики од убиените деца и сопруга, заедно со потресни пораки.

– Има денови кои не можев да ги замислам во моите најлоши соништа без тебе. Денес е еден од тие денови, твојот 9-ти роденден, а те нема синко. Но, денес на твојот роденден, како и секој друг ден, ти си со мене. Среќен роденден сине, прегрни ги мајка ти и брат ти како што само ти знаеше. Те сакам – напиша на 4-ти јули М.М.

Да потсетиме, на 12 август, околу 15 часот и 30 минути, масовиот убиец Бориловиќ тргна во убиствен напад. Прво ги убил станарите Наташа Пејовиќ Мартиновиќ (35) и нејзините два сина, а потоа кумот Милан Митровиќ (37), па вујко му Горан Ѓуришиќ (54).

Бориловиќ продолжил да ги убива своите соседи и познаници, при што ги уби Рајко (56), Димитриј (81) и Даница Дрецун (74), а на крајот Данијела (51) и нејзината сестра Александра Радуновиќ (52). Во својата крвава гозба рани шест лица кои случајно се нашле таму.

Бориловиќ, да потсетиме, не сакал да се предаде на кобниот ден, па полицијата го застрелала, како и неговиот сосед Ненад Нено Калуѓеровиќ, а црногорското обвинителство соопшти дека Бориловиќ бил убиен од проектил испукан кон него од еден од полицајците.