На секои три часа по еден човек колабира низ скопските улици од изгор топлото време. Ова го покажува просекот од телефонските повици кон Итната медицинска помош, која само во текот на последните 24 часа регистрирала осум колапси на јавно место. Лекарите велат дека бројката на колапси е алармантна, бидејќи е најмалку двојно поголема, оти не секоја несвестица се случила на улица или на јавен простор. Граѓани од нив барале помош бидејќи паднале во бесознание дома.
-Во последните 24 часа Итната медицинска помош има 66 интервенции, а од нив 21 се интервенции од прв степен на итност, како најургентни. Од нив, осум се граѓани кои паднале во несвест, колапси на јавни места. Сепак, има и такви што им се случува во домашни услови, нив не ги вбројуваме во специфика бидејќи најчесто им даваме совети и така ги решаваме. Но, кога е на јавно место, мора да се интервенира од наша страна. Им се случува и на пациенти што се со хронична терапија, но и на млади и здрави луѓе кои немаат болести, изјави Д-р Рехат Реџепи од Итната медицинска помош.
Додека лекарите апелираат, кога е најжешко да не се излегува, а кога мора, да се адаптираме полека, а не веднаш од 20 Целзиусови степени под клима да одиме на 40, надвор, синоптичарите велат дека дури кон средината на следната недела, ќе има пад на температурите. Дождот, кој на места се прогнозира и за денес, нема да го олади жешкиот асвалт и „да го згасне“ чувството како да сте под вршник.
-Утре и во вторник ќе се задржи многу топло време, со дневна температура која на места повторно ќе надминува 40 степени. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност, со краткотраен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, а во западните телови повремено засилен ветер, од југозападен правец. Во среда, особено во четврток, поради продор на посвежа воздушна маса од север ќе има значителна опаѓање на дневната температура. Ќе дува и засилен северен ветер, а претежно во северните делови ќе има и повремен дожд,- Ленче Ризова – УХМР.
Бидејќи следните неколку денови си останува пеколно жешко, лекарите советуваат да се пијат многу течности, вода, да се избегнува тешка и солена храна, а облеката за надвор да е лесна и во светла боја. Највнимателни треба да се најмалите и највозрасните, но и оние кои се на хронична терапија.