Инфлацијата забавува, но храната поскапува. Повеќе од 500 артикли во еден голем ланец маркети само во еден ден добија нови цени. Најголемиот дел од нив се покачени, објави Телевизија 24.

Од друга страна, Владата вели – забавувањето на инфлацијата во јули е согласно проекциите, а до крајот на годинава ќе се сведе на минимум и ќе се заштити стандардот на граѓаните. Граѓаните пак, со секое влегување во маркетите, гледаат нови цени.

Тестенините, млекото и млечните производи се само дел од производите кои по укинувањето на ограничената маржа од пред два месеци, поскапеа неколку пати. Од Владата тврдат дека овие поскапувања не влијаат на растот на инфлацијата, потенцирајќи ја слободата на пазарот. Цената на производите во земјава се формира слободно, согласно понудата и побарувачката на пазарот, велат од Министерството за економија.

„Порастот на цените на останатите производи, кои не беа опфатени со мерките, имаше многу помало влијание врз стапката на инфлација во земјата, иако и тогаш на голем број производи, секојдневно им се менуваа цените. Оттука, не мора да значи дека растот на цените на овие 540 артикли во ланецот маркети (кои не се основни прехранбени производи), ќе имаат некое позначително влијание врз стапката на инфлација.“ – велат од министерството за економија.

Организацијата за храна при Обединетите нации објави дека цените на храната во јуни биле на најниско ниво од почетокот на воената криза во Украина и дека берзите се во постојан пад. Бизнисменот Румен Смилевски, кој важи за добар познавач на берзите на храна го потврдува ова, но вели дека состојбата се менува од ден на ден и затоа цените во малопродажба често се менуваат.

Смилевски не се согласува со тоа дека прехранбените компании во земјава вештачки ги качиле цените и со тоа прават екстра профити.

Наспроти ова, еконмскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ вели дека голем дел од оние 200 компании кои треба да платат данок на солидарност, оти имаат најголем екстра профит во кризата, се компании од прехранбениот сектор. За Јовановиќ, решението е и во намалување на вештачки зголемените цени, но и во зголемување на платите.

Инфлацијата во земјава во јули изнесуваше 8,4 проценти, односно за толку се повисоки трошоците за живот во однос на истиот месец лани. И додека кај нас храната поскапува, Народна банка очекува инфлацијата догодина тројно да се намали и да се движи до 2,4 отсто.

Сепак, во нивниот квартален извештај наведуваат дека неизвесноста во однос на идната динамика на цените на примарните производи на светските берзи, особено на пазарите на прехранбени производи и енергија сѐ уште постои, поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија.