Најмалку 17 деца загинаа во пожар што во четвртокот избувна во основното училиште Хилсајд Ендараша во округот Ниери во централна Кенија, пишува Би-Би-Си.

Се стравува дека конечниот биланс на загинати ќе биде уште поголем, бидејќи повеќе од 12 деца се здобиле со тешки изгореници во пожарот. Повредените деца се пренесени во болница.

Пожарот е под истрага, соопшти кениската полиција. Кенискиот огранок на Црвениот крст обезбедува психолошка помош на други деца, училишни наставници и семејства на загинатите и повредените.

Пожарите во кениските интернати не се ретка појава. Десет ученички загинаа во пожар што беше подметнат во женското средно училиште во главниот град на земјата, Најроби, во 2017 година.

Најмалку 67 ученици загинаа во округот Мачакос, југоисточно од Најроби, во најсмртоносниот пожар во училиштата во Кенија пред повеќе од 20 години.