Сè поголем е бројот на граѓаните кои се незадоволни од работата на оваа влада, се зголемува и процентот на определените гласачи кои би излегле на гласање, расте рејтингот и на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот лидер Христијан Мицкоски. Она што е интересно е и растот на популарноста на новата политичка партија ЗНАМ и нејзиниот лидер Максим Димитриевски. Ова се дел од резултатите од телефонската анкета спроведена на 1.200 испитаници од агенцијата Маркет вижн од 15 до 24 март, по нарачка на редакцијата на МКД.мк.
Процентот на излезноста на граѓаните за гласање на претстојните парламентарни избори, во споредба со анкетата на МКД.мк лани во декември е во пораст. Дека на изборите на 8 мај ќе излезат на гласање одговориле 66,6 отсто од испитаниците (во декември овој процент беше 60%), сè уште не одлучиле 7,6 отсто од анкетираните, а со „не“ одговориле 25,7 отсто.
Според рејтингот на политичките партии, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е во убедливо водство – 27,2 %. Коалиција предводена од СДСМ би освоиле 10,7 отсто од гласачите, ДУИ – 8,7%, коалицијата Вреди 7,7%, ЗНАМ 5,5%, Левица 5,3%…
Анкетирањето беше спроведено од 15 до 24 март со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: 3%; интервал на доверба: 99%).
Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.