Ветерот вечерва го смени правецот па пожарот кај Кочани веќе не е опасност за градот туку се префрла кон селото Тркање.
Кочанскиот градоначалник Николчо Илијев во изјава за „360 степени“ вели дека е зафатена огромна линија каде што гори сува трева и нискостеблеста шума, теренот е непристапен, но прават планови како да се справат со тој дел. Според него, околу градот состојбата е под контрола, а вечерва пристигнала помош од повеќе страни.
„Тука е директорот на ЦУК, ги координираме сите сили, имаме дополнителни возила дојдени од Кавадарци, Свети Николе и Велес“, изјавил Илијев.
И претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва на својот Фејсбук профил објави дека се наоѓа во Тркање-Кочанско и оти огнот е над селото и упати апел до власта за итна реакција.
„Народот се самоорганизира против страотниот пожар, потребна е помош, ова е жалната слика вечерва. Се даваат натчовечки напори за локализирање на стихијата“, напиша Мицкоски.
Претходно, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Анеглов во изјава за МКД.мк рече дека за гаснење на пожарот се ангажирани над 500 луѓе, а има и припадници на Дирекцијата за заштита и спасување.
Тој уште потврди дека е избегната опасноста за складот на „Макпетрол“, каде што се концентрирани големи сили, но пожарот е активен и беснее надвор од градот, во шумата, на планината.
Складот на Макпетрол во Кочани веќе не е во опасност
Складот на „Макпетрол“ во Кочани веќе не е во опасност од пожарот што попладнето ја зафати периферијата на градот и зафати неколку куќи.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, за „360 степени“ изјави дека складот е обезбеден, а информацијата ни ја потврди и градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.
„Кај складот на ‘Макпетрол’ има возило и доволен број луѓе. Сега тој е безбеден и нема опасност да биде зафатен од огнот. Самата компанија ‘Макпетрол’ има и свои луѓе таму“, вели Ангелов.
Складот се наоѓа на влезот на Кочани во индустрискиот дел.
Инаку, Центарот за управување со кризи претходно информираше дека пожар во близина на кочанското село Бели, кој неколкупати бил гаснат, е надвор од контрола и се заканува да го зафати складот на „Макпетрол“ кој се наоѓа во близина.