Според податоците од Централниот регистар, зетот за ќерка на лидерот на ДУИ Али Ахмети, Куштрим Смајлај, на почетокот на 2022 година направил заедничка фирма со бизнисменот Ерџан Сулкоски и веќе во првата година направиле обрт од 12 милиони евра и профит од околу 2,5 милиони евра. Пред месец дена, Сулкоски го продал својот удел од 50% за 2 500 евра на Смајлај, објави вечерва „360 степени“
Во истата 2022 година Сулкоски „влегол“ во уште еден бизнис. За 24 000 евра добил 65% од компанијата РКМ, која во тој момент имаше гарантиран бизнис од 112 милиони евра за набавка на мазут за потребите на државните Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), а годината (очекувано) ја заврши со профит од 6,2 милиони евра
Во понеделникот во „360 степени“ гостуваше претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети. Зборуваше, пред се, на политички теми, но доби и вакво прашање:
– Дали треба да заклучиме дека семејството Ахмети е во бизнисот со увозот на мазут?
„Јас ве убедувам дека семејството Ахмети нема ништо со … како се викаше, Ерџан Сулкоски“, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на 18 септември 2023 година.
Зошто му го поставивме ова прашање на Али Ахмети и кој е Ерџан Сулкоски?
Денот бил 11 јануари 2022 година кога две лица склучиле договор за основање на фирмата „К.С.А. Интернатионал“ во Република Северна Македонија.
Името на едниот содружник е Куштрим Смајлај, во тој момент, германски државјанин со привремен престој во Зајас. Во документите од Централниот регистар не пишува дека истиот Куштрим Смајлај е зет на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, сопруг на неговата ќерка Ускана.
Вториот содружник во компанијата „К.С.А. Интернатионал“ е Ерџан Сулкоски, македонски државјанин со адреса на живеење во Кичево.
Според податоците од Централниот регистар, веќе во првата година од работењето, фирмата на зетот на Ахмети и неговиот партнер направила приходи од 12 милиони евра и профит од 2,5 милиони евра.
– Ќе се согласите, ова е добар старт-ап. Куштрим Смајлај можеби може да предава на некоја академија за старт-ап?
„Јас не ги знам конкретните податоци“,
– Куштрим го знаете?
„Куштрим ми е зет, Ускана е моја ќерка. Но, обвинителството, судството, никој не е амнестиран, туку сите се еднакви пред законот. Јас не мислам дека Куштрим, зет ми, е сам, сигурно дека е со многу други компании. Јас не можам да му забранам никому од моето семејство да нема активности. Но, едно им ставив до знаење, пред законот се еднакви, како и секој граѓанин“, одговори Али Ахмети во интервјуто за „360 степени“ емитувано на 18 септември 2023 година.
Мислењето на Ахмети дека неговиот зет е партнер во „К.С.А. Интернатионал“ со многу други компании, не е точен, бидејќи негов единствен компањон досега бил Ерџан Сулкоски. Велиме досега бил, затоа што Сулкоски му го продал својот удел на Куштрим Смајлај во август годинава, за само 2 500 евра – колку што му бил основачкиот влог.
Целиот текст можете да го прочитате на СЛЕДНИОТ ЛИНК