Македонскиот граѓанин кај кој што е детектиран индискиот сој, а кој бил во Ирак, заболел од ковид-19 уште во мај, дознаваме неофицијално, објави порталот МКД.мк.

Според нашите извори, коронавирусот му бил констатиран уште во мај во Ирак и таму веднаш бил хоспитализиран и лежел во болница до пред неколку дена. Во Македонија е донесен со специјален лет, а потоа со специјално возило веднаш е префрлен во приватна болница. Нашите извори велат дека цело време немал комуникација со други лица.

Индискиот сој на коронавирусот му бил детектиран минатата недела во лабораторијата во МАНУ, откако лекарите се посомневале на одредени здравствени проблеми.

Во моментов тој, како што велат нашите извори, е во добра здравствена состојба, сѐ уште лежи во болница, но заздравува, добро се чувствува, контактибилен е и наскоро ќе биде пуштен на домашно лекување.

Инаку, се работи за македонски државјанин, инженер-цивил кој работел во воени единици во база во Ирак.

Во време кога епидемијата сѐ повеќе стивнува министерот за здравство Венко Филипче вели дека според искуствата од регионот индискиот сој не би требало да ја влоши епидемиолошката состојба во земјава, но здравствените власти будно ќе ја следат состојбата.

Индиската варијанта на вирусот е за речиси 40 проценти позаразна од британската. Масовната вакцинација може да спречи повторна експанзија на вирусот, но експертите предупредуваат дека тоа не значи граѓаните да се опуштат.

Лицата кои се вакцинирани со две дози имаат делумен имунитет и од овој сој и според некои студии дури 80 проценти од нив ќе бидат заштитени од потешки форми.