Владата на Република Северна Македонија, на барање на Министерството за здравство, одржа вонредна седница, поради најавите за топлотен бран во државава и донесе соодветни препораки.

Од Институтот за Јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи се добиени информации дека на 11.06.2024 (вторник) и 12.06.2024 година (среда), територијата на градовите Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза.

Владата ги усвои препораките од Министерството за здравство за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението за територијата на градовите Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран, за деновите 11.06.2024 (вторник) и 12.06.2024 година (среда), согласно коишто е предвидено:

➡️ Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно: бремените жени и лицата на возраст над 60 години;

➡️ Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;

➡️ Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица, бездомни лица;

➡️ Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Дополнително, информираме дека територијата на Скопскиот и Вардарскиот регион на 11.06.2024 и 12.06.2024 година ќе биде зафатена од високи температури од жолта фаза (алерт – подготвеност) и во продолжение потсетуваме на општите препораки за заштита на здравјето:

➖ Во текот на екстремно топли денови, да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.

➖ Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце заштитни очила и капа. За сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.

➖ Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. Воедно, да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.

➖ При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката, а ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 4 степени Целзиусови и пред употребата истата да се загрее на + 100 степени. Се препорачува да се избегнуваат производи кои не се термички обработени.

➖ На хронично болните лица се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Министерството за здравство заедно со Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството, во континуитет и на дневна основа ја следат состојбата и доколку има пораст на температурите согласно најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, ќе бидат предложени соодветни превентивни мерки.