Mинистерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу се очекува да одржи прес-конференција попладнето.

Телма неофицијално дознава дека е можно Азир Алиу да си поднесе неотповиклива оставка, а причините за тоа се очекува да ги соопшти на прес-конференцијата. Тој е на чело на МИОА од февруари минатата година. Министерот Алиу доаѓа од редовите на партијата Алијанса за Албанците.

Инаку во недела на полноќ (28 јануари) земјава треба да добие трета преодна влада која ќе ја предводи Талат Џафери, актуелен претседател на Собранието.

Оваа Влада се бира сто дена пред парламентарните избори на 8 мај, а две недели претходно, на 24 април, ќе се одржат претседателските избори.

Премиерот Димитар Ковачевски и опозициската ВМРО-ДПМНЕ влегоа во политичка дебата за недавањето поддршка за техничката влада и можноста функциите за опозицијата да останат празни.

На координациите со Џафери редовно не присуствуваат претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а сега и претставниците на албанската опозиција, која го бојкотира Собранието поради тоа што не е прифатен нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија.