Вработена на инфективната клиника пројави симптоми на Конго – кримска хеморагична треска. Станува збор за едно од 29те лица кои беа под надзор по директен контакт со 27 годишната Штипјанка која почина од оваа болест по каснување од крлеж. Од надлежните била идентификувана како контакт со среден ризик, а симптомите се покажаа на деветтиот ден од изолацијата.

Информацијата ја потврдуваат и од Министерството за здравство од каде додаваат дека со случајот се постапува согласно препораките на Светската здравствена организација односно пациентката е хоспитализиран, а дополнително направени се анкети со контактите и ставање на лицата под 14 дневен здравствен надзор со цел спречување ширење на болеста.

-ПОЧЕТОКОТ НА БОЛЕСТА Е НЕНАДЕЕН, СО ГЛАВОБОЛКА, ВИСОКА ТЕМПЕРАТУРА, БОЛКИ ВО ГРБОТ, БОЛКИ ВО ЗГЛОБОВИТЕ, БОЛКИ ВО СТОМАКОТ И ПОВРАЌАЊЕ. ЦРВЕНИ ОЧИ, ЗАЦРВЕНЕТО ЛИЦЕ, ЦРВЕНО ГРЛО, И ЦРВЕНИ ДАМКИ НА НЕПЦЕТО, СЕ ИСТО ТАКА ПРИСУТНИ. МОЖЕ ДА СЕ ЈАВИ ЖОЛТИЦА, А ВО ПОТЕШКИ СЛУЧАИ, ПРОМЕНИ ВО РАСПОЛОЖЕНИЕТО. КАКО ШТО НАПРЕДУВА БОЛЕСТА, НА ТЕЛОТО НА ЗАБОЛЕНИОТ СЕ ЈАВУВААТ ГОЛЕМИ ДЕЛОВИ СО МОДРИЦИ, КАКО И КРВАРЕЊЕ ОД НОСОТ. ЗАКРЕПНУВАЊЕТО ОД БОЛЕСТА Е БАВНО, ОБЈАСНУВААТ ОД ЗДРАВСТВО ОД КАДЕ ИНФОРМИРААТ И ДЕКА НА КОНТАКТИТЕ ОД ПРВИОТ ПОЗИТИВЕН СЛУЧАЈ ИМ ОСТАНУВААТ УШТЕ ТРИ ДЕНА ЗДРАВСТВЕН НАДЗОР.

Надлежните информираат дека должината на периодот од заразување до појава на симптоми зависи од начинот на контакт со вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично еден до три дена, до максимум девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично пет до шест дена, со документирани максимални 14 дена.

Станува збор за болест која се пренесува преку заразени крлежи. Но таа може да се пренесе и преку контакт со заразено лице. Смртноста од ова заболување е огромна и се пресметува во над 40% од досега регистрираните случаи.

Првиот регистриран ваков случај до контакт со вирусот дојде преку каснување од крлеж кој го отстранила сама но по неколку дена се јавиле симптоми, по што итно беше примена на инфективното одделение на Штипската болница.

Оттаму рекоа дека жената била донесена со влошената здравствена состојба и за да се направат дополнителни анализи била испратена на инфективната клиника во Скопје. Боради брзо прогресирање на болеста почина истиот ден.