Најмалку 185 луѓе загинаа, а повеќе од 1.800 се повредени во судирите меѓу суданската регуларна армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), изјави специјалниот претставник на ОН, Фолкер Пертес, во услови на воздушни напади и борби во Картум и судири низ целата земја.

Смртоносната борба за власт спречи транзиција од воена хунта во цивилна влада и ги зголеми стравувањата од проширување на конфликтот. Чад се надви над главниот град, а жителите беа сведоци на звуци од воздушни напади, артилериски оган и пукотници кои ги затворија градските болници во бруталното насилство.

Крвавата битка продолжува

„Двете завојувани страни не се однесуваат како да сакаат посредување токму сега за да остварат мир меѓу нив“, им рече Пертес на новинарите преку видео врска од Картум. Тој додаде дека противниците се согласиле на тричасовно хуманитарно примирје.

Борбите, сепак, продолжуваат втор ден по ред и покрај ветувањата за смирување на конфликтот, според новинарите на телевизиите Ал Џезира и Ал Арабија во главниот град.

Борбите што беснеат од саботата во Картум и неговите соседни градови Омдурман и Бахрија се најлоши во последните децении и би можеле да го поделат Судан меѓу две воени групи кои ја поделија власта за време на нестабилната политичка транзиција.

Армискиот началник генерал Абдел Фатах ал-Бурхан ја предводи владејачката коалиција поставена по пучот во 2021 година и соборениот долгогодишен претседател Омар Башир среде масовните протести. Лидерот на РСФ, генерал Мохамед Хамдан Дагало, попознат како Хемедти, е негов заменик.

Според меѓународно поддржаниот план за транзиција, РСФ насkоро требаше да се спои со армијата.

Иако армијата е побројна и ги контролира воздушните сили, РСФ е широко распространета низ населбите на Картум и другите градови, оставајќи на ниту една страна способност да постигне брза победа.

Во меѓувреме, судирите меѓу ривалите во Дарфур ги зголемија стравувањата од обновување на конфликтот во западната провинција, каде што од 2003 година беснеат крвави борби, при што загинаа повеќе од 300.000 луѓе, а дури 2,7 милиони се раселени.

Нападнат амбасадорот на ЕУ

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, доцна во понеделникот навечер на Твитер објави дека во главниот град на Судан бил нападнат амбасадорот на ЕУ, ирскиот дипломат Ајдан О’Хара.

Ирецот бил нападнат во неговиот дом.