Проруските сепаратисти и Украинската национална гарда денеска се обвинија меѓусебно дека не успеале да обезбедат хуманитарен коридор од Маурициус. Ова е втор ден по ред како не успева евакуацијата на цивилите од Мариупол.
Според Гардијан, телевизијата Украина 24 објавила изјави на борец на баталјонот Азов, кој рекол дека руските сили бомбардирале области кои наводно биле безбедни.
Од друга страна, Интерфакс ги цитира властите во Доњецк кои ја обвинуваат другата страна дека го нарушува мирот и дека само 300 луѓе успеале да излезат.
Според градските власти, прекинот на огнот требаше да трае од 10 до 21 часот по локално време (од 9 до 20 часот по средноевропско време).
Во текот на целиот вчерашен ден продолжија нападите врз украинските градови Мариупол и Волноваха, откако Русија претпладнето соопшти дека е договорен краток прекин на огнот за да се овозможи хуманитарна евакуација.
Русија и Украина се договорија за ограничен прекин на огнот околу двата града, за да може да се евакуираат луѓето кои се обидуваат да избегаат .
Но, украинските сили соопштија дека руските сили не го исполнија целосно договорот за „примирје“ и дека евакуацијата на луѓето од опколениот пристанишен град Мариупол мораше да биде запрена.