Листинзи од телефонски оператори, телефонски и компјутерски уреди, отисоци – ова се само дел од работите кои дваесет дена се анализираат од истражните органи, во рамки на истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, објави порталот Скопје 1. Се утврдуваат траекториите на движење на сите осомничени, како за помагањето, така и за киднапирањето и убиството на двете жртви.

„Скопје1“ дознава дека снимките од надзорните камери, ги потврдиле дел од исказите на тројцата осомничени кои признаа вина – Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев. Базните станици кои ги ловат сигналите на телефоните, ќе треба само да бидат уште еден доказ за нивните тврдења поврзани со траекторијата на движење. Предмет на анализа се снимки од наздорни камери, кои беа одземени од страна на МВР при потрагата по Вања.

– Според нашите извори, се анализира и телефонот на Александар Ѓорчевски, татко на Вања Ѓорчевска, кој му е одземен од полицијата. Целта е да се утврди точноста на исказот кој го кажаа осомничените, дека тој му кажал на осомничениот, организатор и реализатор на убиствата, Љупчо Палевски-Палчо, информација кога Вања го напушта домот, објави порталот.

За овој случај, од почетокот на истрагата на Обвинителството до сега, нема нови осомничени освен шестмината, од кои пет лица се во притвор повеќе од половина месец. Вчера беше изготвен и обдукциониот наод, кој освен начинот и времето на настанување на смртта кај Вања и Панче, ќе покажат и дали е најдена туѓа ДНК при обдукцијата.

Во овој случај, Љупчо Палевски-Палчо е осомничен дека бил планерот, организаторот и реализаторот на двете убиства. Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се осомничени за киднапирање и убиство на двете жртви. Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања се сомничи дека му дал информации на Палчо поврзани со времето кога неговата ќерка ја напушта зградата и оди на училиште. Последниот осомничен е Стефан Димковски, кој беше уапсен за помагање на бегството на Палчо, бидејќи отишол до Белград да го земе Палевски и да го однесе во Турција.

Палевски-Палчо е во екстрадиционен притвор во Турција, додека останатите осомничени се во притвор. Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.