Ангело Ѓоргиевски, првоосомничениот за претепувањето на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој почина како последица на повредите е повеќекратен деликвент осудуван за трговија со дрога во Словенија, објави порталот 24 Инфо.

Ѓоргиевски, кој е роден во Марибор, во јуни 2016 година во центарот на градот направил тешка сообраќајка. Ѓоргиевски со својот автомобил „фиат пунто“ удрил во пет паркирани автомобили и избегал, но набргу бил фатен од полицијата.

Тогаш мариборските криминлисти влегле во трага на бандата дилери на дрога, меѓу кои и нашинецот. Во октомври истата година во Шентиљ полицијата открила лабораторија за производство на синтетички дроги. Меѓу другото имало и ГБХ (гамахидроксибутират) кој спаѓа во категорија на депресори на нервниот систем или средство за успивање и позната како дрога за силување. Во лабораторијата биле запленети амфетамини и марихуана.

По него е распишана централна потерница, што значи дека полицијата смета дека тој е во земјава. Но ако се има во предвид дека живее во странство, не е исклучено тој да ја напуштил земјава.

Од Кривичниот суд Скопје денеска потврдија дека е одредена мерка притвор за уапсените А.К. (22) и К.Л. (19) кои се снимени од камерите како заедно со Ѓогиевски го напаѓаат Тот кој не пружал никаков отпор.

-Постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје, судија на претходна постапка донесе решение да го прифати предлогот на обвинителството и на двајцата приведени им одреди мерка притвор, заради постоење опасност од бегство и можност да влијаат и да ја попречат истрагата“,соопштија од Кривичен суд Скопје.

Трагичниот инидент се случил во четвртокот окоу 3.30 часот пред ноќниот клуб „Привилеџ“ кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Тот од ударите паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Осомничените продолжиле да го удираат по главата, а потоа, без да му укажат помош, избегале. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“.