Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против таткото на Васил Јованов за кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Во текот на претходната постапка, јавниот обвинител обезбеди докази од кои произлегува дека обвинетиот, во периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година со општоопасно дејствие предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, свесен дека поради неговите сторувања можат да настапат штетни последици, а сепак лекомислено сметал дека тие нема да настапат.

-Тој на својот син му давал да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека синот не смее да управува со автомобил бидејќи нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти, и тоа: едно кривично дело – сообраќајна несреќа со полесни последици во ноември 2022 година, 11 сообраќајни прекршоци (возење без возачка дозвола, возење под дејство на алкохол, непочитување на семафор и на пешачки премин) во текот на 2023 и 2024 година, како и кривично дело – сообраќајна несреќа со смртни последици на 29.01.2025 година, стои во обвинението.

Неодамна Скопското јавно обвинителство ја заврши истрагата и поднесе обвинение против 20-годишниот Васил Јованов, кој на 29 јануари 2025 поминувајќи на црвено светло, без возачка дозвола, пијан, со двојнопоголема брзина од дозволената на Партизанска во Скопје, смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино.

Тој се товари за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, што значи може да биде осуден и до 20 години затвор.

Во рок од два месеци од трагичниот настан, надлежниот јавен обвинител ги прибра сите докази и вештачења кои укажуваат дека обвинетиот го сторил ова најтешко дело против безбедноста во сообраќајот.

васил јованов