Легендарниот боксер Мајк Тајсон (58 години) по пауза од 20 години се врати во професионалниот бокс и загуби од 31-година помладиот Џејк Пол. Популарниот јутјубер го победи прославениот Тајсон со едногласна одлука на судиите.

На стадионот „Ат&Т“ во Арлингтон имаше преку 80.000 гледачи кои уживаа осум рунди по две минути, а на крајот, судиите едногласно решија дека многу помладиот боксер е победник и тоа на бодови со 80:72, 79:73 и 79:73.

Во првите две рунди Тајсон покажа дека уште има знаење и техника како да се спротистави на многупомладиот ривал. Сепак, како поминуваше времето, очекувано беше Пол да доминира и на „кондиција да го фати“ противникот. Пол посебно доминираше во петата и шестата рунда, но Тајсон ги издржа сите напади до последната рунда.

За Пол ова беше 12 меч во професионалната кариера и стигна до 11-та победа, додека за Тајсон кој по две децении се врати во профи рингот, ова беше седми пораз во кариерата, во која има и 50 победи. Интересно е дека само неколку секунди пред да заврши осмата рунда, Пол застана и се поклони пред Тајсон.