Мостот Керч од Русија до Крим е сериозно оштетен од голема експлозија на делот за железнички сообраќај. Според видеата и фотографиите од социјалните мрежи, на мостот гори воз со цистерни за гориво, а паднат во водата е дел од мостот за патнички сообраќај.

Експлозијата се случи во 6 часот наутро по локално време и според сведоци, можеше да се слушне на неколку километри оддалеченост. Засега не е јасна причината за експлозијата и оштетувањата на мостот, а руските државни медиуми само јавија дека на мостот горат цистерни за гориво.

„Според првични информации, вагон со цистерна за гориво гори на една од секциите на Кримскиот мост. Прерано е да се зборува за причините и последиците. Работиме на гасење на пожарот“, кажа руски функционер.

Кримскиот мост, кој ги поврзува Краснодар во Русија со Крим, почна да се гради по анексијата на Крим од страна на Русија во 2014 година, а беше свечено отворен од рускиот претседател Владимир Путин во 2018 година.

Се смета дека Крим, вклучувајќи го Кримскиот мост, е надвор од дометот на украинската војска, но изминатите два месеца имаше серија експлозии на полуостровот.

Се појави снимка од моментот на експлозијата

Моментот на многу силната експлозија на мостот во Керченскиот теснец, кој ја поврзува Русија со полуостровот Крим е прикажан на безбедносна камера.

Времето е 6:02 минути, кога има автомобили на патниот дел од мостот. Сообраќајот се одвива нормално, додека во одреден момент не се случи експлозија во затворен камион.

На снимката, покрај камионот, од кој се чини дека потекнува експлозијата, поминува уште еден автомобил. Останува непознато дали има жртви.

„Се што незаконски мора да биде уништено“, напиша советникот на Зеленски, Михаил Подолјак во твит, додавајќи дека ова е само почеток. Во исто време, во Москва веќе се разговара за терористички напад за кој би можеле да бидат обвинети вооружените сили на Украина.

Погледнете ја шокантната снимка во продолжение: