Земјотрес со јачина од 4,2 степени според Рихтеровата скала е регистриран вечерва кај Клан на границата меѓу Хрватска и Словенија, кој е почувствуван во поширокото подрачје на Риека, соопшти Сеизмолошката служба на Република Хрватска.

Сеизмографите на Сеизмолошката служба забележаа прилично силен земјотрес во 19 часот и 34 минути. Епицентарот на земјотресот бил седум километри северо-североисточно од Клана на границата меѓу Хрватска и Словенија.

Магнитудата на земјотресот била 4,2 степени според Рихтеровата скала, а интензитетот во епицентарот е проценет на V-VI степени од ЕМС скалата.

Земјотресот бил почувствуван во поширокото подрачје на Риека. Нова ТВ јавува дека засега нема информации за штети во Риека и околината.

– Се почувствува силно. Како да се отвора земјата. Грозно чувство. Не се сеќавам кога било вака јако. Убаво нè исплаши – пишуваат во коментарите на веб-страницата на ЕМСЦ луѓето од Риека и околината.

– Два силни, брзи удари, како да има експлозија. Не беше многу пријатно. Краток и жесток. Прозорците се тресеа… Прилично силно тресење и како грмотевица од длабочините на земјата. И тоа потраја – додаваат тие.