Светската здравствена организација ја прогласи епидемијата на мајмунски сипаници во Африка за здравствена вонредна состојба на глобално ниво.
СЗО го свика својот Комитет за итни случаи поради загриженоста дека посмртоносниот вид на вирусот мајмунски сипаници достигна четири претходно незасегнати провинции во Африка. Тој вид досега беше ограничен само на Демократска Република Конго, пренесува Си-Ен-Ен.
Независни експерти од комитетот се состанаа за да го информираат генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус за сериозноста на епидемијата. По тие консултации, Гебрејесус објави дека прогласил вонредна состојба за јавно здравје од глобална загриженост, највисоко ниво на тревога.
Африканските центри за контрола и превенција на болести прогласија вонредна состојба на континентално јавно здравје еден ден порано, прва таква одлука од нејзиното формирање во 2017 година.
Од почетокот на оваа година, повеќе од 17.000 случаи и повеќе од 500 смртни случаи се пријавени во 13 земји во Африка, според Африканскиот центар за контрола и превенција на болести. Најголем број случаи, повеќе од 14.000, има во Демократска Република Конго.
Мајмунската сипаница е вирусна болест која лесно се шири меѓу луѓето и заразените животни. Може да се пренесе преку близок контакт како што се допирање, бакнување или секс, како и преку контаминирани материјали како постелнина, облека и игли.
Симптомите вклучуваат треска, болен осип, главоболка, болки во мускулите и грбот, слаба енергија и зголемени лимфни јазли.