Ни нафта купувале, ни продавале и со фиктивни фактури сакале да ја ограбат државата- Код ја открива шемата и фирмите за лажен поврат на ДДВ. Фрли рипче да фатиш крапче. Со оваа македонска народна поговорка може да се опише обидот на неколку нафтени фирми да ја ограбат државата преку поврат на ДДВ од неколку милиони евра.

Со оглед на тоа што ДДВ-то го плаќаат само крајните потрошувачи, државата им ги враќа тие пари на трговците на големо, кои производите им ги продаваат на трговците на мало.

Три фирми се обиделе да го изиграат системот за своја лична корист. Се обиделе од буџетот да испумпаат над 2,6 милиони евра. Аферата ја најави и потоа ја обелодени шефицата на УЈП, Сања Лукаревска.

Ни нафта купувале, ни нафта продавале, ама со лажни фактури прикажувале голем обрт, па потоа сакале да си го наплатат фиктивно платениот ДДВ.

УЈП ги спречила криминалот да им се исплати, а алармот, според сознанијата на КОД го покренала службеничка од УЈП на која и се видело сомнително барањето за поврат на една од фирмите, а потоа мрежата се проширила. Тоа го потврди и Лукаревска.

Како се обиделе да го изиграат системот?

Шемата им била едноставна. Најпрвин ќе се обрателе кај некој добавувач на нафта. Од него ќе нарачале одредена помала количина на црното злато. Добавувачот потоа ќе им изготвел фактура за исплата на нафтата. Потоа фирмите од една фактура правеле десетици фиктивни фактури.

На пример навистина купиле 20 тони нафта од еден од добавувачите и истите ги платиле. За нив си имале ангажирано и транспортер, или како што кажа Лукаревска, имале цистерни под наем.

Но, потоа за да добијат поголем поврат на ДДВ од УЈП лажирале дека купиле дополнителни 100 тони нафта. Истата шема ја правеле со пет добавувачи кои се познати имиња во нафтената индустрија во земјава, а кои не биле свесени и не можеле да знаат дека нивните податоци ќе бидат злоупотребени за даночна измама додека УЈП не им затропале на врата.

„ТУКА НИ СЕ ОТВОРИ УШТЕ ЕДЕН СОМНЕЖ, БИДЕЈЌИ ИСТИТЕ ТИЕ НЕМААТ РЕАГИРАНО. КНИГОВОДСТВЕНО, АКО НЕКАДЕ ИМАМЕ ВЛЕЗ, МОРА ДА ИМАМЕ ИЗЛЕЗ ОД ДРУГАТА СТРАНА. ТОА ВСУШНОСТ Е ОСНОВАТА НА ДАНОЧНОТО РАБОТЕЊЕ. СМЕ УТВРДИЛЕ ДЕКА ИМАМЕ 80 ФАКТУРИ. НА ПРИМЕР, ВО КНИГОВОДСТВЕНАТА ЕВИДЕНЦИЈА НА ЕДЕН ДОБАВУВАЧ Е ПРОКНИЖЕНА САМО ЕДНА ИЗЛЕЗНА ФАКТУРА, ЧИЈА ВРЕДНОСТ Е ЗА, РЕЧИСИ, 43 ПОНИСКА ОД ИЗНОСОТ НА КНИЖЕНИТЕ ВЛЕЗНИ ФАКТУРИ КАЈ ДАНОЧНИОТ ОБВРЗНИК ВО ТРЕТИОТ СЛУЧАЈ“, РЕЧЕ ЛУКАРЕВСКА.

Повратот на ДДВ за нафта изнесува 18 отсто, а трите фирми по овој основ се обиделе да дојдат до 2,3 милиони евра. Останатите 300 илјади евра пак како поврат на данок на личен доход. Тоа значи дека направиле фиктивни фактури за купување на нафта во износ од речиси 13 милиони евра.

Се уште не е познато каде купена нафта која била далеку помала од наводно купената завршила, но фиктивните фактури завршиле на адресата на УЈП.

Кои се фирмите?

Три фирми сакале да го уловат во води каде е забрането да се рибари. КОД дојде до нивните имиња кои се непознати за јавноста. ШУТАЛО СОСА, АНТИК ОИЛ и името на третата фирма не го потврдивме од некоклку извори и затоа не го објавуваме.

Сите се регистрирани за трговија на мало со моторни горива и мазива во специјализирани продавници. Шутало Соса и Антик Оил делеле ист газда, а и иста адреса.

Шутало Соса го добила името во декември 2022 година. Претходно била крстена со потипично име за нафтената индустрија- АВИН Оил, која била формирана неколку години порано во 2016. Седиштето пак на Шутало Соса сега е на Беласица 2, односно дели адреса со трговскиот центар Ист Гејт во Скопје.

Антик Оил е фирма која е основана неколку дена пред преименувањето на Авин Оил, на крајот на ноември 2022 година. Тогаш нејзин сопственик и директор бил Ваџид Незири. На позициите останува до јули лани, кога фирмата ја предава на Дритон Јакупи, кој ако се суди според зборовите на Лукаревска е косовски државјанин.

Шутало Соса пак исто така од декември 2022 година добива газда од странство. Извесна Јасмина Димиќ од Хрватска, која компанијата ја презема од Ваџид Незири. Фирмата е регистрирана во малото село Виштица, кое се наоѓа во липковскиот регион. Адресата воопшто не може да се пронајде на интернет пребарувачите, бидејќи се работи за населено место без уличен систем.

Но, не само името и презимето на Ваџид Незири, е она што ги поврзува и двете фирми. Туку и нивното поранешно седиште. Во Куманово. Поточно улицата Борис Кидрич 25. Тоа е всушност и местото каде живеел Незири.

Тоа го докажува јавна објава на МВР од 5 април 2017 година кога одделението за прекршоци Куманово не било во состојба лично да му достави решението на Незири на неговата домашна адреса.

Овие две фирми делат и ист сметководител. За третата фирма КОД не го потврди името од повеќе извори, па затоа нема да се објави. Интересно е, како што кажа Лукаревска, дека оваа фирма ја менува дејноста по извесен период и така станува дел од шемата, а и нејзиниот сопственик е од Косово.

„ЗНАЧИ ПРЕТХОДНО СЕ ЗАНИМАВАЛ СО СОСЕМА ДРУГА ДЕЈНОСТ. А СО ПРОМЕНАТА НА САМАТА ДЕЈНОСТ ШТО ЈА ИЗВРШУВА, ТОГАШ ВЛЕГУВА И СТАНУВА ДОСТАПЕН ЗА ПРВИОТ И ЗА ТРЕТИОТ СЛУЧАЈ ЗА ДА ГО ВНЕСАТ ВО ТАА ШЕМА. НЕМА НИТУ ЛИЦЕНЦА, НИТУ СКЛАДИШЕН ПРОСТОР ЗА ЧУВАЊЕ НА НАФТА, ГИ НЕМА ОСНОВНИТЕ ПОТРЕБИ КОИ ШТО ТРЕБА ДА ГИ ИМА ЕДНА НАФТЕНА КОМПАНИЈА ЗА ДА СЕ ЗАНИМАВА СО ТРГОВИЈА СО НАФТА НА ГОЛЕМО И МАЛО. ПРИ УВИДОТ НА ЛИЦЕ МЕСТО, НИЕ НЕ СМЕ КОНСТАТИРАЛЕ ДЕКА ТАМУ ПОСТОИ БЕНЗИНСКА ПУМПА ВООПШТО“, ИСТАКНА ЛУКАРЕВСКА.

Со тоа, според неа, ги изиграле сите оние законски правила кои треба да ги исполнуваат сите нафтени компании за вршење на таа дејност. Шутало Соса сакала најмногу да ќари или 1,2 милиони евра. Антик Оил околу 889 илјади евра. А третата фирма 424 илјади евра.

Регулаторната комисија за енергетика не е задолжена да проверува фирми кои немаат лиценца за трговија со нафта. Државниот пазарен инспекторат пак ги проверува само цистерните кои чекаат на царина за да ја пренесат нафтата преку граница.

Финансиската полиција веќе ги проверила добавувачите. Оттаму за КОД велат дека се работи на случајот. Истражува и обвинителството. Останува отворено и прашањето на кое истрагата треба да даде одговор. Каде завршила нафтата која навистина е купена од добавувачите, дали се препродавала легално, во кеш или на некој друг начин.

Во земјава нема ограничувања во купувањето на нафта, односно секоја фирма може да го направи за најразлични цели, па така и ШУТАЛО СОСА, АНТИК ОИЛ и третата фирма ја виделе можноста црното злато да го преточат во пари, но на крајот не успеале, а дали ќе бидат казнети за потенцијалната штета која сакале да и ја нанесат на државата зависи од надлежните институции.

Марија Митевска (Телма)