Лабинот Ќерими, кој е еден од осомничените за упадот во контролата на летање, денеска е фатен на граничниот премин Блаце со Косово. Според извори на Телма, Ќерими додека бил вработен во М-НАВ, истовремено во рок од неколку месеци печалел и во странство, па кога го фатиле сам си дал отказ во македонски навигации.

Тој е дел од групата на 4 лица кој избега по инцидентот на 4 ти јануари. По него беше распишана централна потерница. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување притвор за Ќерими.

Полицијата трага по останатите тројца. Обвинителството ја поздрави акцијата на МВР за пронаоѓање на ова лице, но реагира за одлуката на Кривичниот суд, кој не го прифати барањето за затворски притвор на четворицата осомничени кои се достапни за органите на прогон. Оттаму додаваат и дека и покрај тоа што судот навел дека странките имаат право на жалба во рок од 24 часа од приемот на решенијата сепак Законот за кривична постапка не дозволува обвинителството да се жали на донесените решенија.

„ЗА ОВА ВЕЌЕ ПОСТОИ И ПРЕТХОДНА СУДСКА ПРАКСА НА АПЕЛАЦИОНИОТ СУД, ПА ОБВИНИТЕЛСТВОТО МОРА ДА ЈА ПОЧИТУВА ОДЛУКАТА НА СУДОТ, ИАКО И НАТАМУ СМЕТА ДЕКА МЕРКАТА КУЌЕН ПРИТВОР И ОПРЕДЕЛЕНИТЕ ДОПОЛНИТЕЛНИ МЕРКИ НА ПРЕТПАЗЛИВОСТ НЕ СЕ ДОВОЛНИ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ОСОМНИЧЕНИТЕ И ЗА ЗАШТИТА НА ПОСТАПКАТА“ СООПШТИЈА ОД ОЈО.

Синоќа, Кривичниот совет делумно ја прифати жалбата на обвинителство и ја преиначи одлуката на Кривичниот суд кој на четворицата вмешани во скандалот во МНАВ кои беа уапсени, им одреди само мерки на претпазливост.

И сега освен куќен притвор од 30 дена, има и дополнителни мерки на претпазливост, односно привремено одземање на патна исправа и забрана за нејзино издавање и Забрана за приближување или воспоставување односно одржување контакти или врски меѓу осомничените и нападнатиот контролор на летање Премптим Бериша.

Во групата на осомничени е и координаторот на ДУИ во Чаир, Беким Назири кој одново доби поддршка од партискиот колега и вицепремиер Артан Груби. Во телевизиско гостување Груби иако рече дека настанот нема врска со ДУИ се стави во одбрана на Незири и тврди дека тој воопшто нема учествувано во физички инцидент или пресметка со било кој вработен во М-НАВ, ниту пак отворал врати за да внесува банди однадвор. Груби смета и дека целата јавност „хистерично реагирала“ дека настанот го загрозил контролирањето на авиосообраќајот, делото за кое се товарат осомничените.