Според Киев Индипендент, Русите погодиле детска онколошка болница во Киев. Едно дете загинало, додека две деца и двајца возрасни се повредени. Од руска страна засега нема информации за овој настан.

Украинската ТСН јавува дека Русите ја погодиле детската онколошка болница во Киев и дека има мртви, пренесува „Киев Индипендент“. Информацијата ја пренесе и новинар на Би-би-си на својот Твитер профил.

„Очевидци известија дека градот бил под оган од повеќецевни ракетни системи“, пишува Киев Индипендент.

Поранешен преведувач на поранешниот украински претседател Виктор Јушченко во разговор за Си-Ен-Ен само рече дека ракетите паднале врз детската болница во Киев. Тој рече дека болницата не била далеку од неговата зграда. Едно дете наводно го загубило животот, рече тој.

Информациите за бомбардирањето на болницата од официјалните власти се уште не се потврдени.

Да потсетиме, руски ракети во петокот погодија и детска градинка во градот Охтирка, во североисточна Украина во областа Суми.

Дмитриј Кулеба, министерот за надворешни работи на Украина, тогаш изјави дека руските напади врз градинките и сиропиталиштата се воени злосторства и дека го прекршиле Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд.

– Заедно со канцеларијата на јавниот обвинител собираме материјали и веднаш ги испраќаме во Хаг. Одговорноста е неизбежна – напиша Кулеба вчера на Твитер.