Во вечерашното интервју за ТВ Телма, Љупчо Коцевски, Државен јавен обвинител откри дека истрагата во врска со настанот во Кочани се проширува со приведување на уште седум полициски службеници.

-Во моментов добив известување дека има издадено наредба за приведување на уште седум полициски службеници и во моментов истите ќе бидат приведени. Истрагата се проширува за уште седум полициски службеници во врска со настанот за кабарето „Пулс“, вели Коцевски.

Со ова, бројот на осомничени полициски службеници се искачува на 14 лица, бидејќи пред скоро месец беа приведени други седум полицајци. Засега, истрагата се води за едно кривично дело, а тоа е предизвикување опасност за животот и телото на луѓето.