– Тоа е трагедија од огромни размери: привремениот биланс зборува за најмалку 21 жртва и повеќе од 20 лица хоспитализирани во болниците во регионот Венето, од кои многумина се во многу сериозни состојби. За жал, во несреќата имало и деца, соопшти претседателот на регионот Венето Лука Заја.
– Повредените се пренесени во болниците во Местре, Мирано, Падова и Тревизо. Користени се повеќе од 20 возила на брза помош. Жртвите и повредените се од различна националност, не само Италијанци: извлекувањето и идентификацијата на телата се уште е во тек, што ги врши Противпожарната бригада, Полицискиот штаб и здравствените работници, на кои им благодарам за напорите соопшти Заја.
– Изразувам сочувство од целиот регион Венето до сите семејства кои во овие часови доживуваат многу тешка загуба или се погодени од состојбата на нивните повредени најблиски. Го замолив целиот наш здравствен тим да го искористи секој можен ресурс за да обезбеди максимална помош, заклучува претседателот.
Меѓу загинатите е и возачот на автобусот, јавуваат последно италијанските медиуми.
– Има и две деца меѓу 21 жртва што во моментов е потврдена во несреќата во автобус во Местре. Телата на двете деца, дознаваме од извори од органите на прогонот, веќе се извлечени, објавија медиумите.
Според последните информации, меѓу загинатите има и украински туристи.