Пожар доцна вечерва избувнал во хотелскиот комплекс „Манастир“ во Берово. Градоначалникот на општината Звонко Пекевски во изјава за ТВ21 вели дека поради сериозноста на пожарот побарана е помош од околните општини.
До моментот на нашиот телефонски разговор, пристигната била противпожарна помош од општина Делчево.
Дел од гостите во хотелот се евакуирани, за среќа нема повредени.
„Побаравме и поддршка од Кочани. Пожарот навистина беше голем и страшен но во моментов мислам дека е локализиран и нема опасност истиот да се прошири. Состојбата е стабилна“, кратко ни изјави градоначалникот кој беше на лице место.
На терен се екипи на ТППЕ Берово кои веднаш по дојавата се упатиле во кругот на објектот каде е забележан густ чад.
Веднаш до хотелот се наоѓа и манастирот Св. Архангел и Михаил. Главната манастирска црква била изградена во периодот од 1815 до 1818 година. Осветена е во 1818 година, а на нејзиното осветување присуствувал и просветителот Јоаким Крчовски.