На почетокот на јули беше споен мостот Почитељ, еден од највисоките и најкомплексните мостови во регионот, но пред 15 дена еден дел од конструкцијата пукна, јавуваат регионалните медиуми.

Мостот е загрозен на една од приклучоците, помеѓу столбовите S3 и S4, каде што се појавија пукнатини. Оштетувањето настанало при градежни работи, а на местото на пукнатината е поставена заштита.

Од босанско-херцеговачките автопатишта за Klix.ba потврдија дека при изведувањето на работите настанале непредвидени околности и дека се работи на санација.

„Важно е стабилноста на мостот да не биде загрозена и тој да нема трајни последици“, нагласи Нарциша Ливњак Бориќ, портпаролка на компанијата за Klix.ba.

Пукнатината на мостот (ФОТО istraga.ba)

Овој мост е висок повеќе од 100 метри и долг речиси еден километар, што го прави еден од највисоките во регионот и една од најкомплексните структури во рамките на Коридорот 5C.

При најавата за приклучување на мостот беше речено дека во периодот што следи може да очекуваме подинамично извршување на работите, но сепак имаше неочекувани ситуации кои прво мора да се решат. Се очекува изградбата целосно да биде завршена наесен оваа година.

Изведувачи на мостот се Azvirt Limited Liability Company (Азербејџан), Sinohydro Corporation Limited (Кина) и Powerchina Roadbridge Group Co. Ltd. (Кина). Изградбата е финансирана од средства обезбедени со Договорот за заем склучен со Европската инвестициска банка (ЕИБ) и грантови од Европската унија обезбедени во рамките на Агендата за поврзување преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF). Вкупната вредност на работите за изградба на мостот Почитељ е 28.114.889 евра без ДДВ.


Со изградбата на мостот Почитељ се премостуваат автопатот М-17, реката Неретва и пругата Сараево-Плоче.