Под влијание на глобалното затоплување, жителите на Осло во Норвешка ќе мора да се адаптираат на временските пригоди бидејќи температурите таму ќе бидат слични на оние во Хрватска денес. Виена ќе има клима како Фиренца или Џенова, Лондон ќе биде топол како Бордо, а Мајами како Абу Ариш во Саудиска Арабија
Високите температури и горештини кои ги чувствуваме како последица на климатските промени нема да стивнат. Зимите во Македонија и во околните земји ќе бидат потопли и практично ретко ќе паѓа снег, а топлотните бранови ќе траат подолго со температури од речиси 50 Целзиусови степени.
Вакви се прогнозите на влијателни научни работници кои се занимаваат со климатските промени. Еден од нив е Метју Фицпатрик, професор во Центарот за проучување на животната средина од Универзитетот во Мериленд, САД, кој изработи интерактивна мапа користејќи податоци од Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPPC).
На неа е прикажана и Македонија, односно главниот град Скопје, и е дадена прогноза за тоа каква ќе биде климата за помалку од шеесет години. Температурата во Скопје во 2080 година во текот на летниот период се очекува да биде повисока за 7,5 степени од актуелната, во 2024 година. Ќе биде посуво бидејќи се претпоставува дека влажноста на воздухот ќе се намали за 12,4 проценти.
Зимите исто така ќе бидат потопли, па се прогнозира дека тие ќе пораснат за 4,7 степени во споредба со постојните во тој период од годината. Претпоставка е дека во такви услови не може да се очекуваат снежни врнежи, а како дополнителен фактор се посочува дека влажноста на воздухот во зимските месеци ќе биде помала од сегашната за 1,7 проценти.
Фицпатрик вели дека како последица на климатските промени, градовите кои се на северната хемисфера за период од педесет до шеесет години ќе имаат слична клима каква што сега имаат градовите од југот.
Така, на пример, се претпоставува дека под влијание на глобалното затоплување, жителите на Осло во Норвешка ќе мора да се адаптираат на временските пригоди бидејќи температури таму ќе бидат слични на оние во Хрватска денес. Виена ќе има клима како Фиренца или Џенова, Лондон ќе биде топол како Бордо, а Мајами како Абу Ариш во Саудиска Арабија.
Интересен е податокот дека во изработката на интерактивната мапа „Future Urban Climates“ учествува и Македонецот Теофил Наков, кој по завршените студии по биохемија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје заминува во САД, каде што докторира биологија на Универзитетот во Остин, Тексас.
За симулацијата на интерактивната мапа биле собрани податоци од повеќе од 40 000 градови и над 5 000 региони.