Добро позната е нетрпеливоста која владее помеѓу навивачите на МЗТ Скопје и првиот човек на македонската кошарка, Перо Антиќ. Сега навивачите на клубот од Аеродром одново го истакнаа своето незадоволство од работата на претседателот на федерацијата.
Тие истакнаа навредлив транспарент за Антиќ на кој пишуваше: „Гробарот на македонската кошарка и докажан циган, кариерата ја продолжува како турбофолк хулиган“. Освен тоа испратија и порака преку социјалните мрежи.
„Последниве неколку години кошарката во Македонија оди во надолна линија. Но во овој момент дното е пробиено и кошарката никогаш не била послаба! Лигата е неатрактивна, салите се празни и забраните за гостински навивачи од секакви клубови се стандардна приказна. Квалитетот на домашните и странските играчи е на незавидно ниво, а, со исклучок на пар играчи, немаме ни интернационалци кои играат надвор од нашите граници. Младинските категодии се неперспективни, додека сениорската репрезентација е можеби на најниско ниво од осамостојување. Спонзори во клубовите скоро и да нема, па затоа сите живеат на грбот на општините/градовите и од државните ваучери.
Немаме ниту клубови кои играат во добри интернационални натпреварувања, а тие што се обидуваат да излезат од границите, доживуваат дебакл од екипи кои доаѓаат од држави каде до пред некоја година не ни имаше кошарка. Оваа парола, иако е вперена директно, сепак не е ништо лично. Таа е само отсликување на реалност, каде изминативе години наместо да се засукаат ракавите, да се направи детална анализа, и да почне да се работи за подоброто за кошарката, а и општо спортот во Македонија, со конкретни проекти, некој од удобната фотеља има попаметна работа и се објаснува по социјални медиуми за трач муабети“, стои во нивната објава на социјалните мрежи.