Градачанци, а особено сведоците се во шок и неверување по бруталниот чин на Нермин Сулејмановиќ кој уби три лица, рани три, а потоа се самоуби. Поради неговото однесување тој им е познат на граѓаните од претходно, но и на луѓето кои ги уби, особено таткото и синот со кои, како што дознаваат босанските медиуми, бил во конфликт.
На улиците на Градачац владее молк и тишина, особено во деловите каде Сулејмановиќ изврши три брутални убиства и рани исто толку луѓе. Како што е познато, тој својот брутален крвав пир го започнал во викендица, каде ја уби невенчаната сопруга Невзета Хеќимовиќ. Тоа го направи пренесувајќи го убиството во живо на социјалната мрежа Инстаграм.
Според досегашните информации од истрагата, тој потоа влегол во својот автомобил, упатувајќи се кон центарот на Градачац, со намера да продолжи со својата, подоцна ќе се испостави, крвава одмазда.
Застанал во близина на ресторан, по што со неколку истрели од пиштол тешко ранил млад човек. 23-годишниот Денис Џенгиз починал во Универзитетскиот клинички центар во Тузла, каде лекарите се обиделе да го реанимираат.
„Сè се случи за неколку моменти. Излегов од мојот објект да услужам муштерија, по што тој пристигна со автомобил. Многу брзо испука два куршуми во правец на човек кој беше во друг автомобил, по што се оддалечи, вели еден од очевидците.
После тоа, Сулејмановиќ заминал на друга локација каде убил уште едно машко лице, Ондер Џенгиз. Подоцна било утврдено дека тој е татко на човекот што претходно го убил во автомобилот во близина на ресторанот.
„Од порано беа во конфликт. Започнаа заеднички бизнис во кој не успеаја, имаа несогласувања. Дополнително ги продлабочија одредени несогласувања што ги имаа во приватниот живот, а тоа е всушност една форма на неговата одмазда“, посочува очевидецот.