Напишано рачно на кирилично писмо на бел лист А4 формат. Испратена преку затворот, а не преку неговиот бранител, Влатко Кешишев се кае што посочил лажен убиец на Вања и Панче, но пишува дека тогаш се плашел. Во изјавата напишана пред два дена, а доставена до судечкиот совет вели дека извршител на убиствата е Велибор Манев. На крајот од писмото стои неговиот потпис, објави ТВ 21.

„Исто и јас како и вие денес за прв пат се запознав со дадената изјава која беше доставена и до нас како бранители преку судот. Истиот има напишано некаква изјава но не би сакал да ја коментирам содржината, имајќи предвид дека ниту потписот е негов дали истиот своеволно ја има пишано или не сакам да помислам дека некоја присилба или закана имало за таква изјава. Во однос на содржината ќе разговарам со него па ќе ве известам и вас“, рече Дејан Ефремов, адвокат на Влатко Кешишев.

„На крајот на процесот секако ќе има соочување помеѓу сите нив. Значи како би ја коментирал…би ја коментирал едноставно во ваков предмет не е совесно еднаш да се изјавува едно, друг пат да се изјавува друго“, вели Марјан Витанов, адвокат на Палчо.

Во изјавата Кешишев пишува дека за време на убиствата, Палчо спиел во штабот на „Десна“ и не бил со нив.

Инаку Кешишев и Манев се тие што ќе сведочат пред полицијата кога ќе бидат приведени дека Палевски е извршител на убиствата. Кешишев ќе ја однесе полицијата до местото каде е закопано девојчето, а Манев до местото каде бил убиен Жежовски.

Пред Кривичниот суд сведочеа тројца сведоци поврзани со движењата и активностите на обвинетиот Љупчо Палевски. Стефан Димковски потврди дека го однел Палевски од Белград до Турција, каде што обвинетиот решил да остане заради операција на кичмата. Сепак, Димковски не слушнал разговори за таква операција. Според него, Палевски на 3 декември споменал дека полицијата била во партијата Десна и приведувала лица. Останал во куќа која ја изнајмил за три месеци по цена од 150 евра.

Сведокот Ламбе Бучков изјави дека уште на 1 декември Палевски знаел дека е баран од полицијата и дека го информирал за истрага поврзана со исчезнато девојче и пикап. Бучков, кој претходно работел во МВР, потврди дека Палевски поседувал пиштоли и дека добил 15.000 евра како аванс од имотен пријател. Рече уште дена последните шест месеци бил постојано следен.

Ерол Османи сведочеше дека ден по грабнувањето на Ѓорчевска, Палевски бил кај него да поправи котел. Османи забележал оштетување на пикапот кој Палевски го возел, но обвинетиот не споменал дека планира да отпатува.