Освен на Сејдини, како што информираат за „360 степени“ од Министерството, од стапување во функција на новата влада, до денес повлечени се вкупно 230 дипломатски патни исправи
На претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) Муамед Сејдини му е повлечена дипломатската патна исправа, потврдуваат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
За причините за повлекувањето на дипломатската патна исправа на Сејдини побаравме одговор од Министерството, но оттаму единствено ни дадоа потврда за одлуката без детално образложение.
Како што денеска пренесуваат дел од медиумите, причина за ваквата одлука на Министерството најверојатно доаѓа по низата скандали кои ја тресат „Куќата на фудбалот“, но и по серијата на откази за спонзорство на сериозни партнери кои со години биле спонзори во ФФМ.
Освен на Сејдини, како што информираат за „360 степени“ од Министерството, од стапување во функција на новата влада, до денес повлечени се вкупно 230 дипломатски патни исправи.
„Напоменуваме дека од стапување во функција на новата влада, до денес повлечени се вкупно 230 дипломатски патни исправи. Дел од наведените патни исправи биле дадени врз основа на дискреционо право на претходниот министер, а дел се однесуваат на поранешени функционери на кои им престанале мандатот и правото за поседување дипломатска патна исправа“, се вели во одговорот што ни го испратија од Министерството.
Според Законот за патни исправи, дипломатскиот и службениот пасош се исправи кои се издаваат на носител на јавна функција, државен службеник и работник во државните органи, заради обезбедување на нивна заштита при патување во странство за извршување на службените задачи, во согласност со меѓународното право.
Дипломатскиот и службениот пасош може да се користи само ако има виза Дипломатскиот и службениот пасош се сопственост на Република Северна Македонија.