Обвинителството во Венеција стави под истрага три лица за минатонеделната автобуска несреќа во градската област Местре, во која загинаа 21 лице, објави денеска локалниот весник „Ил Газетино“.
Станува збор за извршниот директор на автобуската компанија La Linee и двајца функционери на градот Венеција – управител на одделот за сообраќај и мобилност за внатрешното подрачје на градот и раководителот на одделението за одржување на патиштата.
Тие наводно ќе одговараат за убиство со возило, повеќекратно убиство, нанесување тешка или многу тешка повреда на пат и телесни повреди.
21 лице загина, а околу 20 се повредени откако автобус со туристи излетал од надвозник во близина на Венеција во северна Италија и се запалил.
Во несреќата загинаа една Хрватка, деветмина Украинци, четири Романки, тројца Германци, двајца Португалци и Италијанец, возачот на автобусот. Причините за несреќата не се јасни. Една хипотеза е дека возачот погрешно свртел, но имало и сомневања за состојбата на надвозникот, особено заштитните огради, наведува Анса.