„Не можев да предвидам дека кучињата ќе отворат дупка и ќе излезат од дворот“, се правдаше пред обвинителот 37-годишниот сопственик на трите питбула што искасаа до смрт 50 годишна жена во близина на Солун вчера околу пладне. Против 37-годишниот маж полицијата поднесе кривична пријава за убиство од небрежност, но обвинителот против него поднесе и кривична пријава за убиство со можна умисла и го упати на истражител да се изјасни, со образложение дека не ги презел сите потребни мерки при чување на кучињата во дворот.
Дополнително, според информациите, сведочењата на соседите укажуваат дека ова не било прв пат кучињата да излегуваат надвор од дворот без надзор и без да ги почитуваат пропишаните мерки од нивниот 37-годишен сопственик.
– Оградувањето беше исправно, но кучињата овориле дупка во оградата што не можев да ја забележам, наводно рекол 37-годишникот пред обвинителот.
– Кучињата се дресирани и немаа агресивно однесување. Излегоа од дупка во дворот, тврдеше претходно 37-годишниот преку својот адвокат. Според бранителот на 37-годишниот, Христос Патуна, неговиот клиент е уништен од трагичниот инцидент и изразува длабоко жалење за смртта на жената.
– Тој ги чуваше кучињата во дворот на неговата куќа, која е оградена. Има ограда висока два метра, исправна била, а кучињата биле обезбедени. За жал, без тој да знае, кучињата отвориле мала дупка во оградата, 30 сантиметри низ која избегале, нагласи адвокатот.
– Беа превземени потребните мерки, кучињата не беа агресивни. Тие беа чувари на куќата бидејќи во Ореокастро често се напаѓани од провалници и речиси секоја куќа има барем по едно куче во својот двор. Тие се добро издресирани, додаде тој. Според бранителот на обвинетиот, 37-годишникот, според законот, не бил обврзан да ги врзува кучињата на конкретниот простор бидејќи имало ограда.
– Полицијата ја проверила оградата и утврдила дека на еден дел од неа, кој не се гледал лесно, кучињата направиле дупка со дијаметар од 30 см. Очигледно кучињата побегнале од оваа мала дупка која не можела да се забележи, нагласи Патунас, негирајќи дека кучињата и претходно во минатото покажале агресивно однесување.
Хорор инцидентот се случи напладне во неделата, околу 14:30 часот, во областа Неохоруда. Трите кучиња, за кои се вели дека се питбули, побегнале од надзорот на нивниот сопственик, се приближиле до дворот на вилата и ја нападнале несреќната жена, мајка на две деца на возраст од 15 и 17 години, при што од каснувањата била смртно повредена.
На местото на настанот била повикана Брза помош на ЕКАВ каде спасувачите констатирале смрт, додека по инцидентот полицијата го привела сопственикот на кучињата и започнала истрага за настанот.