Ако досега имињата и фотографиите на познатите македонски доктори беа злоупотребувани на социјалните мрежи за промоција на некакви лажни препарати и лекови, сега измамниците отидоа чекор подалеку и утрово објавија лажна и грозоморна вест поврзана со еминентниот македонски лекар епидемиолог и универзитетски професор Драган Даниловски.
Имено, од утрово на социјалната мрежа Фејсбук се шири лажна објава (и тоа спонзорирана) во која лажно се тврди дека е убиен познат македонски лекар и притоа на фотографијата е поставена слика од докторот Даниловски. Покрај неговата слика која се наоѓа во горниот лев агол од лажната објава, објавата е илустрирана со безживотно машко тело кое е покриено со црна прекривка.
Лажниот пост е објавен и спонзориран од Фејсбук профил/страна со име Medicalforlivetrast, и лесно може да се забележи дека станува збор за лажен профил кој шири целосно лажна вест, која не само што шири невистини, туку и си игра со човечки животи и чувствата на најблиските.
Ова е случај кој освен тоа што претставува класичен пример за морбидна злоупотреба на социјалните мрежи за одредени цели, туку треба и институциите како МВР да се позанимаваат со откривање на ваквите сторители, нивно казнување и спречување да се повтори вакво нешто.
А на доктор Даниловски му посакуваме добро здравје и долг живот.