Четворицата осомничени за киднапирањето на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски кои добија притвор и се во затворот „Скопје“ во Шутка, се соочуваат со револтот на останатите притвореници, дознава „Скопје1“. Секое нивно изнесување и внесување во затворот се гледа преку прозорците, а приворениците им довикувааат, тропаат по решетките, ги пцујат. Потврда за ова побаравме од директорот на затворот Филип Андов, кој ниту потврди, ниту негираше. Тој посочува само дека безбедносната состојба се контролира. Посочи и дека до четворицата осомничени пристапот е ограничен.
„Тие се издвоени од останатите притвореници и затвореници. Пристап до нивните простории немаат ниту сите затворски полицајци. Се влегува со посебни картици, кои ги имаат определени стражари. Се контролираат постојано, со оглед на степенот на кривично дело, а согласно протоколите и законите“, вели Андов за „Скопје1“.
Притворениците и затворениците од Шутка се згрозени од двојното убиство. Тројца од четворицата осомничени кои се во истиот затвор, признаа вина. Тие пред обвинител и полицијата признаа кои се нивните улоги. Го посочиле и Љупчо Палевски-Палчо како организатор и реализатор на грозоморниот чин. За ова известија и истражните органи.
Единствен меѓу нив, кој не признал вина, ниту поврзаност со било кој од останатите осомничени вклучувајќи го и Палевски-Палчо е таткото Александар Ѓорчевски. Тој тврди дека со никого не се познава, ниту кажал траекторија на движење на убиената Вања, пишува Скопје1.