Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, во следната сезона во Формула 1 ќе учествува со друго презиме. Засега не се знае точно како ќе звучи неговото полно име.

Сепак, познато е дека седумкратниот светски шампион веќе ја започнал документацијата за официјално да го додаде моминското презиме на својата мајка.

„За моето семејство следната победа во првенството ќе биде од светско значење. Ќе ми биде важно и мене, со задоволство ќе го носам моето презиме Хамилтон. Но, никој од вас можеби не знае дека моминското презиме на мајка ми е Ларбалестиер. Ќе го додадам и на моето полно име“, потенцираше Луис.

Британецот нагласи дека не разбира зошто жената кога ќе се омажи го губи презимето.

„Се надевам дека на презимето Хамилтон ќе ми биде придружено и презимето на мајка ми. Можеби нема да биде возможно да се заврши сè до трката следниот викенд, но јас веќе работам на тоа“, изјави возачот на Мерцедес.

Таткото на Хамилтон, Ентони и неговата мајка Кармен се разведоа кога Луис имаше две години. Следниот викенд во Бахреин започнува новата сезона во Формула 1.