Доротеа (13) денеска почина откако ја удри гром на плажата Посиди на Халкидики.
– Девојчето беше во шок, имаше срцев застој – рекол еден од лекарите кој брзо пристигнал на плажата.
Тие се обиделе да ја реанимираат Доротеа со специјално возило за интервенција, но не успеале да ја вратат во живот.
„Кога стигнавме, детето имаше срцев застој“
– Првата достапна амбуланта од Касандра веднаш тргна. Во исто време на лице место била и волонтерска екипа која извршила реанимација. Кога стигнавме, детето имаше срцев застој – додаде докторот.
Потоа веднаш ја пренеле во најблискиот Здравствен дом, но лекарите набрзо констатирале смрт на девојчето.
– Не успеавме да ја вратиме Доротеа – додаде тој.
По трагедијата што ги снашла, родителите на Доротеа се во шок и не можат да поверуваат што се случило со нивната ќерка.
Според таткото на девојчето, семејните безгрижни моменти се претвориле во кошмар кога гром ги погодил неговата ќерка и сопругата. Девојчето починало на лице место, додека неговата сопруга е повредена.
Тој вели дека денеска фамилијарно отишле на пливање и дека кога почнало да врне, излегле од морето. Додека биле на плажа, пред нив удрил гром, а неговата сопруга и ќерката паднале на песокот.
„Моето девојче повеќе не стана“
– Моето девојче повеќе не стана – вели неутешниот татко. Тој напоменува дека жали што не ја напуштиле плажата десет минути порано. Таткото вели дека тогаш неговата ќерка би била жива.
Да потсетиме, трагичниот инцидент се случил околу 16 часот и 30 минути кога девојчето било на плажата Посиди, на песокот, а според првите информации полесно е повредена и нејзината мајка.
Треба да се напомене дека времето на Халкидики денеска е лошо со обилни врнежи од дожд. Полициската управа Касандра води прелиминарна истрага за инцидентот, пишуваат грчките медиуми.