Познатата македонска писателка Ксенија Николова излезе со свој став по синоќешната победа на Украина на Евровизија 2022 која се одржа во Торино, Италија. Украина, која по гласањето на националните жирија беше на четвртото место, успеа да ја однесе победата благодарение на гласовите од телеволтингот, од каде добија 439 поени и со вкупно 631 поен триумфираа на Изборот за песна за Евровизија.
Многумина сметаат дека ваквата победа ѝ е подарена на Украина поради актуелните случувања во земјата и дека повторно на Евросонг победила политиката, а не песната и музиката. Нашата писателка Ксенија Николова, на својот Фејсбук профил напиша дека „најмалку на овој начин се покажува солидарност“.
– Тргнете ја политиката од уметноста, ве молам. Не помагате вака. Евровизија секоја година сѐ повеќе ме разочарува и искрено – не верував дека ова може да се случи. Не верував дека толку очигледно може да се ‘намести’ победа, небаре така Европа нешто ќе поправи. Дечките се супер, ама и на нивните лица се гледаше дека им е јасно зошто победиле. За жал, најмалку на овој начин се покажува солидарност, напиша Николова.
Украина од публиката доби 439 поени, додека Шпанија од публиката доби 228 поени. Шведска доби 180 поени, додека Велика Британија 183 поени. Финално Украина освои 631 поен, Велика Британија 466, додека Шпанија трета со 459.