Кривичниот суд не им определи мерка притвор на 4-цата осомничени кои не се во бегство откако вчера групата предводена од функционерот на ДУИ Беким Незири упадна во контролата на летање и нападна
Обвинителството сметаше дека Незири и тројца приведени може да избегаат, може да влијаат на сведоците или може да го повторат делото бидејќи им отвори истрага за кривично дело за кое минимална затворска казна е 5 години. Дополнително причина за барањето на притвор беше и бегството на 4-ца останати осомничени.
Судот пак оценил дека и со други поблаги мерки може да се обезбеди ефикасна истрага за упадот и нарушувањето на безбедноста на воздушниот сообраќај.
Осомничените ќе останат без пасоши, ќе мора да се јавуваат во суд, не смеат да го напуштат Скопје или местото на живеалиште и не смее да комуницираат со оштетениот кого го нападнаа. Во соопштението на судот не е наведено дека им е забранет влез во МНАВ каде го извршија упадот додека контролорите на летање воделе 28 лета на воздухоплови на небото над Македонија (два од нив биле авиони на НАТО упатени да слетаат во Скопје).
Целосното соопштение на судот за одлуката:
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Јавниот обвинител за определување мерка притвор против 4 лица кои вечерва беа спроведни во судот, а осомничени за кривичното дело Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од чл. 303 ст.2 вв со чл. 22 од КЗ, по произнесување на обвинителот и осомничените во однос на предлогот, донесе решенија со кои на сите четири лица им се опредлуваат мерки за претпазливост.
Односно, согласно член 146 ст.1 од ЗКП на осомничените им се определува: Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, Обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, Одземање на патната исправа односно забрана за нејзино издавање и Забрана за комуникација со оштетениот како и меѓусебна комуникација. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред кривичниот совет на овој суд.