Поранешниот член на One Direction, Лијам Пејн, починал од повеќе повреди, вклучително и фрактура на черепот, откако паднал од третиот кат на балкон на хотел.

Шефот на службата за итни случаи во Буенос Аирес, Алберто Кресенти, изјави дека поранешниот член на бендот „One Direction“ не можел да се спаси кога медицинските тимови пристигнале на местото на настанот.

– Нашата улога беше брзо да отидеме таму, да му пружиме медицинска помош и да се обидеме да го реанимираме, но неговите повреди доведоа до моментална смрт. Врз основа на она што го виде мојот тим, јасно е дека има фрактура на черепот и екстремно сериозни повреди што довеле до негова непосредна смрт – изјави Кресенти.

Службите за итни случаи го потврдија идентитетот на поп-ѕвездата (31) со проверка на неговиот пасош, додека шефот Кресенти одби да ги коментира извештаите дека пејачот можеби бил пијан или се дрогирал. Тој, исто така, нагласи дека се уште се чекаат резултатите од обдукцијата и ги повика сите кои брзаат да судат „да не претеруваат“.

Персоналот на хотелот ѝ рекол на полицијата дека Лијам сам се пријавил во луксузниот хотел Каса Сур во модерното предградие на главниот град на Аргентина, Палермо, на 10 октомври оваа година. Се сметало дека тој е во градот за да се сретне со поранешниот колега од бендот One Direction, Ниал Хоран, кој настапувал во Movie Star Arena.

Телото на Лијам беше извадено од хотелот во 20.38 часот по локално време, повеќе од три часа по неговиот фатален пад.

Да потсетиме, пред Лиам Пејн да доживее несреќа со паѓање од третиот кат на хотелот Каса Сур во Буенос Аирес, еден хотелски работник драматично се јавил во полиција, барајќи помош.

Паника и страв ги обзеле вработените во хотелот додека се обидуваа да спречат да се случи несреќата.

Очигледно вознемирен, тој истакнал дека Пејн постапувал ирационално и дека имало загриженост дека може да се повреди себеси или другите. Кога сфатиле дека во собата има балкон, персоналот на хотелот веќе бил во паника бидејќи насетил дека може да се случи трагедија.

Веднаш по повикот, хотелските работници слушнале силен тресок во дворот и го откриле телото на Пејн. И покрај брзата реакција на итната помош, повредите кои ги здобил при падот од височина од 14 метри биле фатални.

Шокираните обожаватели почнале да се собираат надвор од хотелот, носејќи цвеќе и палејќи свеќи во знак на почит кон пејачот кој прерано го загуби животот. Трагичниот настан ја потресе и јавноста и неговите колеги и пријатели од светот на музиката.

Пејн, кој пред неколку дена пристигнал во Буенос Аирес за да присуствува на концертот на неговиот поранешен колега Ниал Хоран, на социјалните мрежи ги објави последните моменти од својот живот, несвесен за трагедијата што ќе следи, пишува Дејли Мејл.